Скопска Чаршија


Скопска Чаршија - традиција и белег на Скопје

Местоположба на Скопска чаршија

Старата Скопска Чаршија е трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Според административната поделба на градот, просторот на чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век.


Скопска Чаршија

Отомански белег на Скопска чаршија

Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот. Во неа се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други турски споменици. Скопска Чаршија претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Но и покрај претрпените штети, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија. Во неа се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации, кои учествувале во нејзиното создавање.


Во Скопска Чаршија преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската, а во последно време се забележува и примената на модернистичката архитектура. Голем број од градбите кои некогаш служеле како преноќевалишта за трговските патници или како амами за намесниците и управителите во градот се пренаменети и служат како простор за одржување на културно-уметнички настани.


Скопска Чаршија

На просторот на Скопска Чаршија и во нејзината околина се останати и неколку џамии, турбиња, две цркви и саат-кула. Во втората половина на XX век биле изградени и зградите кои го сочинуваат Музејот на Македонија и зградата на Музејот на современата уметност. За развитокот на Скопска Чаршија низ историјата, нејзината културна вредност и занаетите кои биле застапени на просторот сведочат предметите изложени во Музејот на Старата Скопска Чаршија, сместен во рамките на Сули ан.

Археолошки откритија во близина на Старата Скопска чаршија

Со Законот за Старата Скопска Чаршија донесен од страна на Собранието на Република Македонија на 13 октомври 2008, чаршијата била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата. На почетокот од 2010 година, започна да се спроведува петгодишна програма за ревитализација на чаршијата, која има за цел обновување на објектите, поддршка на занаетите, како и постигнување економски и културен развој на просторот на Скопска Чаршија.


Скопска Чаршија

Најстарите археолошки пронајдоци пронајдени на Скопското кале посочуваат дека околниот простор бил населен уште 4.000 години п.н.е., додека пак првите историски податоци наведуваат дека први кои се населиле на просторот биле Пајонците во VI век п.н.е. Со завладувањето на Скупи од страна на Римјаните, започнала изградбата на храмови, бањи и театри, со што градот станал значаен верски и културен центар во Римската Империја, што придонело и за развој на просторот на денешната Скопска Чаршија.


Скопско кале

Во 518 година, Скупи бил разурнат од катастрофален земјотрес, па со доаѓањето на власт на Јустинијан I била изградена нова престолнина. Сепак, за да се заштити населението кое го напуштило градот, тоа се населило на еден рид на којшто императорот Јустинијан го изградил денешното Кале. Со создавањето на Самоиловото Царство, Скопје добил стратешко, политичко, економско и културно значење. Просторот околу Скопското кале бил утврден со изградба на бедеми, со цел да се сочуваат неговите богатства. Во времето на Цар Самоил, на бедемите била изградена и голема градска порта, подоцна позната како „Порта до водната кула“. Портата послужила за одбрана од нападите на византискиот император Василиј II во 1001 година.


Скопска Чаршија

Почетокот на XX век се одликува со бројни немири и војни, како и големи промени во стопанскиот живот, предизвикани од раширувањето на капиталистичките општествени односи и развојот на градските населби. Во текот на Првата светска војна била причинета штета во Скопска Чаршија, па во првите години по војната е забележан нејзин развој, преку обновување на старите трговски и занаетчиски објекти. Во тоа време Скопска Чаршија територијално се проширила и преку Камениот мост, на десниот брег од реката Вардар, сè до железничката станица.

Историски развој на старата Скопска чаршија

Појавата на Големата криза во светот во раните 1930-ти години имала голем одраз и врз трговијата во чаршијата. Дошло до раслојување и осиромашување на занаетчиството, зголемување и на невработеноста и на задолженоста. За текот на овие години во Скопска Чаршија сведочи и репортажата на Љубо Стојовиќ во весникот „Вардар“ од 1934 година. Во неа тој ја истакнува монотоноста и здодевноста во чаршијата и како трговците ги молат купувачите да купат. Тој исто така, ја споменува и запуштеноста на безистенот и тоа дека е затворен како тврдина и издаван под кирија. За време на Втората светска војна Скопска Чаршија била целосно економски умртвена и била користена за потребите на НОБ во Вардарска Македонија.


Така во неа биле подготвувани илегални акции, а служела и како засолниште за припадниците на НОБ. Во близина на Исхак-беговата (Шарена) џамија се наоѓа куќа во која од 1942 до 1944 година, престојувале и се состанувале членови на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и на Оперативниот штаб. Во непосредна близина пак на Камениот мост, на местото на денешната зграда на Комерцијалната банка, имало куќа во која била сместена првата илегална работилница за оружје, муниција и диверзантски материјал.


Скопска Чаршија

Влијанието на војната врз старата Скопска Чаршија

Периодот на војната е време во кое биле причинети огромни штети и загуби во самата чаршија и во нејзината околина. Чаршијата останала без своето еврејско население, чијашто депортација кон концентрациониот логор Треблинка започнала на 11 март 1943 година. Истата 1943 година, бугарските фашистички власти ја ограбиле и опожариле црквата „Св. Богородица“, која се наоѓала во непосредна близина на чаршијата.


За време на бомбардирањата на Скопје била уништена и Јигит-пашината џамија. До темел била разурната и синагогата „Бет Јаков“. Од црквата „Св. Спас“, бугарските власти го разглобиле иконостасот, со намера да го префрлат во трезорите на Народната банка, но по војната истиот бил вратен во црквата.


По завршувањето на Втората светска војна, просторот на чаршијата повторно се претворил во главен трговски центар во градот. Под раководство на Заводот за заштита на спомениците и културата, за првпат започнало систематско истражување и проучување на чаршијата. Таа е споменик од непроценлива вредност. Истражувањето имало за цел да пронајде начини за нејзина понатамошна заштита.


Скопска Чаршија

Старата Скопска Чаршија за време на Скопскиот земјотрес

На 26 јули 1963 со силниот земјотрес кој го погодил Скопје, голем број на дуќани биле целосно разрушени. Од културно-историските знаменитости, речиси целосно разрушени Сули ан, Капан ан, џамиите Араста и Казанџилер, и Ѓулчилер амам. Делумно разрушени биле Чифте амамот, Куршумли ан, црквата Свети Спас, Безистенот, џамијата Ќосе Кади и Султан-муратовата џамија.

Обновувањето на разрушената Скопска Чаршија продолжило по земјотресот. За таа цел до израз доаѓа примената на современ градежен материјал. Во раните 1970-ти биле обновени водоводната и канализационата мрежа. Воедно истовремено било извршено и поплочување на улиците низ чаршијата и отстранување на турската калдрма. Во тој период, исто така бил изграден и мост со стоковна куќа над булеварот Гоце Делчев. Со овој мост биле споени отсечените делови од Скопска Чаршија. Кратко потоа започнало и обновувањето на речиси целосно разрушените Капан-ан и Сули-ан. Потоа биле обновени и останатите културно-историски знаменитости, кои претрпеле штети со земјотресот.


Скопска Чаршија

Освен тоа, некои градби биле посветени на културата и уметноста, а биле изградени и нови, како што се групата згради во рамките на Музејот на Македонија и Музејот на современата уметност. Во ноември 2006, во Старата Скопска Чаршија бил поставен споменик на Скендербег. Непосредно пред споменикот на Скендербег, на 17 јануари 2012 година, бил поставен камен-телник за изградба на плоштадот „Скендербег“.


Повеќе информации за старата Скопска Чаршија на следнава страна.




 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.