Куклица - Скаменети Свадбари


Местоположба на Куклица

Куклица е мало село од раштркан тип кое се наоѓа 8 км северозападно од Кратово. Сместено е на десната долинска страна на Крива Река, во нејзиното средно сливно подрачје, на надморска височина од 430 до 700 метри. Атарот се протега на простор од 13.7 км². На него обработливото земјиште зафаќа простор од 468 ха, пасиштата 757 ха, а шумите заземаат 81 ха. Селото Куклица има полјоделска функција.


Куклица

Легенда за Куклица

Легендата вели дека многу одамна во селото Куклица се случила голема трагедија. Момчето, во кое една девојка била бескрајно вљубена, се оженило со друга, поради што разочараната девојка ги проколнала младенците. Кога дошол свадбениот ден, навидум се било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Селаните го викаат местото "Весела свадба" зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети кукли, и местото го добило своето име - Куклица.


Со малку фантазија, секој посетител на Куклица може да си ги дополни празнините во приказната, бидејќи не се знае што се случило со девојката што ја фрлила клетвата. Мештаните раскажуваат дека нивните предци се обиделе да ја растурат клетвата на вљубената девојка, но не успеале.


Куклица

Научниците, пак, велат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, кога се уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала "кукли" повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Како и да е, ваква "свадба" нема никаде на светот и ова место е заштитено од Агенцијата за природни реткости при Министерството за животна средина.


Нешто слично има само во Србија, во местото Ѓавоља Варош. Локалното население кажува дека на секои 5 до 6 години, и во Горно и во Долно маало, двата локалитета што се поделени со еден рид, никнува по една нова фигура. "Највпечатливи се невестата и младоженецот, кои се придружени од деверот и деверицата. Тие се најголеми и се гледаат еден со друг в очи", кажуваат селаните.


Повеќе информации за Куклица на следнава страна.





Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.